Пациенти со преживеан мозочен удар, трауми, повреди на ‘рбетен мозок и церебрална парализа ќе може да го користат новиот апарат за роботска рехабилитација – Lokomat на Универзитатската клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Козле кој денеска беше пуштен во употреба.

Станува збор за апарат кој го поддржува движењето, ги насочува нозете на пациентот врз основа на физиолошкиот модел на одење и нуди можност за делумна поддршка на тежината.

Апаратот за роботска рехабилитација е наменет за интензивна рехабилитациска терапија на пациенти со тешко до умерено оштетување на способноста за одење и функционална подвижност. Овие оштетувања во телесните функции и активности може да бидат предизвикани од различни болести, како невролошки заболувања, повреди на мозокот (поради мозочен удар или траума), повреда на ‘рбетниот мозок и церебрална парализа.

Новиот најсовремен aпарат за роботска рехабилитација е во вредност од 57.983.430,00 денари.

Според стручните проценки роботската рехабилититација ќе има можност да се спроведува кај околу 30 пациенти месечно, а ќе бидат опфатени и болнички и амбулантски пациенти. За управување со новата опрема спроведена е специјална стручна обука со инструктор од Швајцарија на шест физиотерапевти од оваа клиниа кои и претходно имаат искуство во рехабилитацијата на ваквите пациенти, рече заменик министерката за здравство Маја Манолева.

Во однос на тоа како ќе може пациентите да дојдат до овој робот, Манолева информира дека оваа процедура која што ќе биде воведена во институцијата ќе биде ставена на товар на ФЗОМ.

Практично пациентите ќе треба да го остварат само делот во партиципацијата. Веќе сме во завршна фаза. Вчера ги финиширавме преговорите со ФЗОМ и секако проценката ќе биде на лекарскиот колегиум за пациентите коишто ќе треба да бидат вклучени на оваа процедура. Мислам дека овие потреби, оваа бројка на пациенти ќе ги задоволи потребите на институцијата за нашите граѓани, за граѓаните на нашата држава, посочи таа.

Манолева во однос на цената за роботската рехабилитација рече дека не е дефинирана затоа што се уште се во тек преговорите со Фондот и дека се во завршна фаза.

Штом ќе го добиеме ќе се вметне посебен пакет за оваа здравствена услуга којшто ќе се внесува и сето тоа ќе ја диктира партиципацијата. Можам само да ви посочам дека во регионот еднодневна терапија на ваков локомат чини од 120 до 170 евра еднодневна терапија, дополнително сите други трошоци. Така што се надевам дека она со што ќе учествуваат нашите пациенти ќе биде навистина минимално во споредба со онаа цена која што ја имаме во регионот, појасни Манолева.

Директорот на Заводот во Козле изрази благодарност и оцени дека aпаратот за роботска рехабилитација е од огромно значење.

Денеска во Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Козле имаме сериозно зајакнување во опрема која ја набави Министерството за здравство, а за потребите на оваа установа, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.