Mексико и Панама ќе се борат за трофејот на Голд купот во КОНКАКАФ зоната. Во полуфиналните натпревари, Мексиканците рутински ја победија Јамајка, додека Панама по изведувањето пенали ги елиминираше фаворизираните САД. Мексико со голвите на Анри Мартин во втората, Луис Чавез во 30. и Роберто Алварадо во 93.минута славеа со 3:0 во пресметката со Јамајка.

Панама, во второто полуфинале, одлично им се спротивстави на Американците. Во првото полувреме два пати се тресеше мрежата на САД, меѓутоа ВАР ги поништи головите на Караскиља и Дијаз. По 90 минути игра резултатот беше 0:0. Во продолженијата, Панама конечно постигна регуларен гол во 99. минута по одличната топка на Караскиља, стрелец беше Иван Андерсон. Хесус Фереира го израмни резултатот во 105. минута, па победникот мораше да се решава по изведувањето на пенали.

Клучно беше промашувањето на Ролдан во шестата серија, па Панама по голот на Караскиља стигна до третото финале на Голд купот во историјата.

Само еднаш во историјата на Голд купот титулата не заминала во САД или Мексико, тоа беше во 1992 година кога Канада го освои златото. Финалето на Голд купот меѓу Мексико и Панама е закажано за ноќта меѓу недела и понеделник од 1.30 часот.

Прикажи повеќе