Актуелниот македонски вицепрвак Еурофарм Пелистер одигра тежок меч со Охрид, но успеа да си замине со цел плен (25-27) од СРЦ „Билјанини Извори“ во дуел кој се одигра во рамки на шестата рунда.
До победата Пелистер дојде со подобрата игра во финишот од вториот дел и пред се благодарение на голманот Марко Кизиќ кој се разбрани кога беше најпотребно.
Натпреварот почна со доста добра игра во одбраната на домашниот тим и расположен Брауновиќ. Охрид тргна сериозно, беше 6-4 во 10. минута, а потоа се обезбеди и максимални три гола предност (11-8). Таа позитива домашните ја држеа и до пред паузата, ама Пелистер со мини-серија се врати во натпреварот и на полувреме имаше само еден гол негатива (15-14). Клуч во играта на тимот на Жељко Бабиќ беше максималниот Јосип Периќ кој имаше шест од шест.
По долго време битолчани преку Табоада изедначија на стартот на вториот дел (17-17), додека прва предност во дуелот крај езерото гостите обезбедија преку Маџовски (17-18). Потоа откако Кизиќ проработи меѓу стативите и одбраната стана поагресивна, Мандалиниќ и Мараш врзаа два гола и Пелистер за првпат обезбеди комотна позитива (20-23).
Во завршните десет минути, Еурофарм Пелистер ја чуваше предноста. Бабиќ реши да игра бавно и тимот да ја чува топката до крајот на нападите, но откако следеше мал пад во играта, Додиќ го врати Охрид во игра (24-25). Никола Маркоски со првиот гол на мечот во 58. минута ја врати позитивата од два гола (24-26), Ристески изнуди пенал за охриѓани кој го реализира Шилегов (25-26). На влезот во последната минута Табоада од тешка позиција низ голманот Брауновиќ погоди за пелистерци и тоа беше голот за победа.
Најдобар кај пелистерци беше Јосип Периќ со седум гола, пред Рајнер Табоада со шест, додека Матео Мараш тресеше противничка мрежа пет пати. Марко Кизиќ забележа седум одбрани, од кои четири во второто полувреме. Кај Охрид најистакнати ракометари кај стрелците се Мице Ѓилегов и Стефан Додиќ со по шест реализации.