Најмалку 19 лица загинаа, а 23 се повредени кога израелската армија отвори оган врз жители на Газа кои чекаа испорака на хуманитарна помош на кружниот тек во градот Газа, соопшти Канцеларијата за медиуми на Газа, пренесе Си-Ен-Ен.
„Окупаторската војска отвори оган со митралези врз гладните луѓе кои чекаа вреќи со брашно на место каде што нема опасност за Израелците“, се вели во соопштението.
Израелските одбранбени сили демантираа дека нивни членови пукале врз луѓето во редот за храна и нагласија дека истражуваат што точно се случило.
Кружниот тек во градот Газа стана познат како област каде камионите со хуманитарна помош носат храна и секогаш има голем број луѓе кои очајно чекаат да им се достави каква било помош.
Загинатите и повредените луѓе се пренесени во баптистичката болница Ал-Ахли, источно од градот Газа, според локалниот новинар Кадер Ал-Занун, кој известува за Си-Ен-Ен од теренот.
Палестинската агенција ВАФА објави дека израелските окупаторски сили во последните 24 часа убиле 72 цивили, а раниле 114 во седум напади низ Појасот Газа, што е документирано со медицински извештаи.
Се додава дека бројот на палестинските жртви од почетокот на израелскиот напад е зголемен на 32.142, а повредени се 74.412 лица.
Г. Т.