Откажани се концертите на американската поп ѕвездаТејлор Свифт во Виена поради можни безбедносни закани, откако вчера беа уапсени двајца под сомнение дека планирале исламистички напади во областа на Виена.
Како можна мета на нападите биле посочени концертите на Свифт кои што требаше да се одржат денеска, утре и в сабота.
Австриската полиција приведе две лица под сомнение дека имале планови за исламистички терористички напад за време на концертите на американската пејачка Тејлор Свифт во Виена, пренесе дневниот весник „Кронен цајтунг“.
Според „Кронен цајтунг“, едниот од нив е 19-годишен Австриец со „македонски корени“, кој „живеел со семејството во градот Терниц“. Тој бил уапсен „под силно сомение за тероризам“. Вториот осомничен е Австриец од Виена.
Полицијата најпрво најави дека концертите нема да бидат откажани, но потоа сфати дека 65.000 луѓе на секој концерт и повеќе од 20.000 надвор од стадионот, очекувано е преголем безбедносен ризик.
Шефот на полицијата на Виена, Герхард Пирстл, изјави дека на секој концерт се очекуваа по 68.000 фанови, плус 22.000 надвор од стадионот „Ернст Хапел“.
„Благодарение на интензивната соработка на нашите безбедносни агенции и полиција со странските служби заканата беше препозната рано, реагиравме и спречена е трагедија. Истрагата продолжува“, кажа Пирстл.
Второто апсење било извршено вчера попладне во Виена, според виенски „Курир“ бил 17-годишник, а полицијата рече дека се трага по уште тројца осомничени.
„Според досега утврденото, двајцата осомничени биле радикализирани преку интернет. Деветнаесетгодишникот ѝ дал заклетва на Исламска држава во почетокот на јули“, изјави генералниот директор за јавна безбедност на Австрија, Франц Руф.
Голема операција била спроведена во Терниц, при што биле евакуирани неколку куќи.
„Во домот на 19-годишникот се пронајдени хемиски супстанци, кои се испитуваат“, рече Руф.
Како што објави предходно ЦИВИЛ Медиа, музичките икони Бијонсе и Тејлор Свифт објавија дека ќе организираат колосален концерт за собирање финансиски средства, со цел да ги мобилизираат нивните огромни фанови за поддршка на кампањата на потпретседателката Камала Харис.
М. Д.