Албанскиот премиер Еди Рама, без цврст одговор за тоа дали иницијативата Отворен Балкан е запечатена. Рама во Скопје рече дека оваа иницијатива дала добри резултати, но дека отсега фокусот треба да биде ставен на Берлинскиот процес.
„Треба да се впуштиме со ум и срце во Берлинскиот процес, за да го претвориме во функционален процес, исто како што Отворениот Балкан покажа дека можеме да бидеме функционални кога сме заедно. Берлинскиот процес не беше закочен од оние кои го поставија Отворениот Балкан, да бидеме многу јасни, туку од ветата, не, не го сакам тоа, не доаѓам таму, те не потпишувам, не ќе се видиме утре. Затоа се заглави“, Еди Рама, премиер на Албанија.
Во меѓувреме, за разлика од Рама, премиерот Димитар Ковачевски рече дека Отворениот Балкан, е се уште жив и иницијативата ќе продолжи да ја зајакнува соработката меѓу земјите-учеснички. Ковачевски дури најави продолжување на средбите во рамки на Отворениот Балкан. Тој рече дека ќе се состане со премиерката на Србија, Брнабиќ, следната недела.
„Отворен Балкан“, или првично познат како Мини-Шенген, започна во 2019 година во Србија. Иницијативата ја потпишаа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и тогашниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев. Претходно овој месец, Рама за албанските медиуми изјави дека Отворениот Балкан е роден за да го унапреди Берлинскиот процес, и според него, оваа мисија е остварена.
Мефаил Исмаили