Кристијан Брукнер, осомничен во истрагата за исчезнувањето на Медлин Мек Кен, за првпат јавно проговори по излегувањето од затвор. Во интервју за „Скај њуз“ рече дека е жртва на „лов на вештерки“ и побара да му се врати нормалниот живот.
„Не се чувствувам слободен. Носам нараквица и под 24-часовен надзор сум. Сакам ова да престане и некој да преземе одговорност,“ изјави Брукнер.
Тој се обиде да влезе во канцеларијата на германскиот обвинител Ханс Кристијан Волтерс, кој претходно јавно тврдеше дека има докази дека Брукнер ја киднапирал и убил Медлин, иако призна дека тие не се доволни за подигнување обвинение.
Брукнер (49) неодамна беше ослободен по издржана казна за друго кривично дело. Германските медиуми јавуваат дека по неговото ослободување бил сместен во привремено живеалиште, но по јавниот притисок и протестите на граѓаните, бил преместен од градот Нојминстер.
На директно прашање дали има врска со исчезнувањето на британското девојче, Брукнер одговори дека по совет на адвокатите нема да зборува на таа тема.
Тригодишното девојче исчезна од апартмански комплекс во Праја да Луз во Португалија на 3 мај 2007 година, што предизвика истрага низ цела Европа и стана еден од најпознатите случаи на исчезнати лица. Нејзините родители вечерале со пријателите во блискиот ресторан додека таа и нејзините помали браќа и сестри близнаци спиеле во станот. Нејзината мајка Кејт открила дека Медлин ја нема околу 22 часот по локално време.
Случајот останува нерешен, но германските обвинители велат дека имаат докази кои сугерираат дека Брикнер можеби бил во областа кога исчезнала Медлин. Волтерс рече дека иако тој и другите обвинители не веруваат дека имаат доволно докази за формално да го обвинат Брикнер во случајот Меккен, нивните напори ќе продолжат.
Текстот Осомничениот во случајот со Медлин Мек Кен: „Вратете ми го животот!“ е превземен од МАКФАКС.