Косовската претседателка Вјоса Османи ја обвини Србија дека има за цел да спроведе дестабилизирачки план на Западен Балкан, сличен на оној што, како што рече, Русија го спроведе во Украина во 2014 година. Османи, која престојуваше во официјална посета на Албанија, порача дека сите демократски држави во регионот не треба да дозволат реализација на овој план. Таа мислеше на почетокот на конфликтот помеѓу сепаратистите поддржани од Русија со украинските сили во источниот регион Донбас и анексијата на Крим од страна на Москва. На заедничката прес конференција со нејзиниот колега Бајрам Бегај, Вјоса Османи изјави дека на Косово е потребна поддршка од Албанија, нагласувајќи дека „ние сме две држави, но нашите судбини се испреплетени“.
„Ситуацијата на северот не го влоши косовско-српскиот дијалог. Србија е таа која секогаш ја влошува ситуацијата во нашиот регион преку чести напади на Косово. Нема недела а некој од Србија да не ги напаѓа косовските полицајци кои се на територијата на Косово. Со строго спроведување на планот што Путин го спроведе во 2014 година против Украина, Вучиќ и Србија имаат за цел да го дестабилизираат целиот Западен Балкан, и преку дестабилизација на нашиот регион да гo нападнат системот на вредности на кои сe ЕУ и НАТО “, изјави Вјоса Османи, претседателка на Косово.
Од друга страна, албанскиот претседател Бајрам Бегај рече дека „Албанија силно ги поддржува аспирациите на Косово за евроатлантска интеграција“, додавајќи дека „никој не треба да се прашува зошто Косово е национален приоритет на Албанија“.
„За време на средбата со претседателката Османи, главен фокус беше ставен на натамошно зајакнување на стратешкото партнерство од сите аспекти. Подвлеков дека односите Албанија-Косово секогаш треба да бидат добри и да се водат од националниот интерес за продлабочување на соработката на сите нивоа, политичко, економско, социјално и културно, како и за напредок во евроатлантските интеграции“, рече Бајрам Бегај, претседател на Албанија.
Бегај рече дека за време на неговото учество на Генералното Собранието на ОН, ќе се фокусира на прашањата за признавање на Косово.
„Моето учество на Собранието на ОН ќе се фокусира на прашањата за признавање на Косово. Исто така, посветивме внимание на соработката во рамките на евроинтегративниот процес и евроатлантските интеграции, каде меѓу другото изразив уверување за наскоро завршување на процесот на визна либерализација на ЕУ за граѓаните на Косово. Ова е задоцнета, но со многу практична и морална важност, за сите граѓани на Косово“, нагласи Бајрам Бегај, претседател на Албанија.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, исто така, ги коментираше односите на двајцата премиери, Курти и Рама, додавајќи дека е надминати сите несогласувања.
Шкелзен Аќифи