Алил Демири, кој вчера беше уапсен од косовската полиција по меѓународната потерница од нашето МВР, денеска беше ослободен. Веста ја потврди неговиот адвокат Бесник Бериша.
„По приложените докази од одбраната и образложените аргументи дадени на рочиштето на кое беше адресирано барањето на Обвинителството за определување мерка притвор, обвинителот кој го застапуваше предлогот, се повлече од барањето. Алил Демири сега е на слобода“, изјави Бериша.
Тој вчера беше убеден дека апсењето на Демири е извршено незаконски и претставува флагрантно кршење на неговите законски и уставни права. Бериша рече дека Демири не може да биде екстрадиран во Македонија бидејќи за барањето веќе било одлучено и било два пати одбиено од косовскиот суд.
Претходно денеска Министерството за правда во Скопје потенцираше дека нема ново барање за екстрадиција на Демири бидејќи барањето од 2018 година е сè уште активно. Алил Демири беше осуден во отсуство на доживотен затвор за случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смилковското езеро пред 11 години.