Во извештајот на ОН објавен денеска се наведува дека за закрепнување и обнова на Авганистан од разорниот земјотрес што ја погоди земјата во октомври и во кој загинаа околу 2.000 луѓе, ќе бидат потребни повеќе од 400 милиони долари (370 милиони евра).
Земјотресот со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала, што ја погоди провинцијата Херат во западен Авганистан на 7 октомври 2023 година, срамни со земја цели села, остави илјадници повредени и голем број луѓе без покрив над главата.
Како што пренесува МИА ,во извештајот на ОН, составен во соработка со Светската банка, Европската унија и Азиската банка за развој, се проценува дека „постои итна потреба од 400 милиони долари за финансирање на опоравувањето и реконструкцијата во провинцијата Херат“.
Според извештајот, најтешко биле погодени областите Херат, Инџил и Зиндајан, а најмногу страдале руралните заедници.
Во извештајот се вели дека приоритет треба да биде враќањето на пристапот до основните услуги и изградбата на станови сигурни од земјотреси, особено за најпогодените семејства. Се вели дека нивната проценка за итните потреби се потпира на податоци од теренот, јавно достапни информации и аналитика.
Девет окрузи со население од околу 2,2 милиони беа вклучени во истражувањето, а извештајот нуди детален преглед на бројот на погодени, вклучувајќи категории како што се бремени жени, доенчиња и лица со посебни потреби.
Земјотресите се честа појава во Авганистан, кој се наоѓа на спојот на неколку раседни линии и помеѓу три тектонски плочи.