Израелската војска ги известила Обединетите нации (ОН) дека сите жители кои живеат северно од Вади Газа треба да се евакуираат во јужниот дел на Газа во следните 24 часа, изјави портпаролот на ОН, јавуваат светските агенции.
Вади Газа е речна долина лоцирана околу центарот на Појасот Газа, простирајќи се долж појасот и завршува во Средоземното Море. Позната е по своите крајбрежни мочуришта и биодиверзитет.
Од Обединетите нации велат дека станува збор за речиси 1,1 милион луѓе, односно половина од населението на целиот Појас Газа, пренесува Би-би-си, додавајќи дека посочената област го опфаќа густо населениот град Газа.
Предупредувањето, како што се наведува било издадено непосредно пред полноќ.
„Обединетите нации сметаат дека такво преместување на луѓе е невозможно да се случи без катастрофални хуманитарни последици“, се вели во соопштението на портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.