Ова е една од најстрашните фотографии на интернет на која се гледа сета несреќа на ова општество.
Се сеќавате ли на приказната за Ања Рингрен Ловен која го спаси животот на момче од Нигерија кое беше обвинето за вештерство? Поради тоа родителите го напуштиле и го оставиле да умре на улица од глад и жед.
Фотографијата на која Ања на измаченото и гладно момче му дава бисквити и вода, стана една од највпечатливите сцени што пристигнала од Африка во последните години.
Откако беше напуштено од неговата заедница, малото момче, кое подоцна беше наречено Хоуп (Надеж), преживувало јадејќи буквално од улица. Тоа било во ужасна состојба кога Ања го пронашла.
Таа потоа побарала од луѓето преку интернет да донираат пари за лекување на малиот Хоуп, па добила донации во вредност од 2 милиони долари од целиот свет.
Ања и нејзиниот сопруг сакале да им помогнат на другите деца кои се соочуваат со слични проблеми како Хоуп, па ја основале фондацијата „Земја на надежта“ за сите деца кои ги нарекуваат „вештерки“, па останале на улица и живеат во ужасни услови.
Не е невообичаено овие деца да бидат малтретирани и убиени, особено во руралните делови на Нигерија.
Ања одвреме-навреме преку своите профили на социјалните мрежи ја информира јавноста за напредокот и растењето на Хоуп, па пред еден месец сподели нова фотографија од ова момче чија приказна го расплака светот.
Тој денеска е здрав, насмеан и среќен.
„Мислам дека може слободно да се каже дека мојата и фотографијата на Хоуп стана една од најзастапените фотографии во светот. Секој ден се споделува на социјалните мрежи и има милиони лајкови. Откако го спасив Хоуп во 2016 година, бев интервјуирана од медиумите ширум светот и оттогаш приказната за Хоуп е објавена во многу написи“, напиша Ања на Инстаграм.
Таа додаде дека приказната на Хоуп потсетува на „Грдото пајче“ на Х. К. Андерсен.
„Во приказната, лебедот е роден во семејство на патки и оди од место до место презрен и осуден од сите што ќе ги сретне. На крајот се претвора во лебед и си го наоѓа вистинското место во светот“, напишала Ања.
Таа додаде дека Хоуп исто така е осуден од сите и дека е презрен од целата заедница.
„И како што знаете, приказната на Хоуп исто така имаше среќен крај. Единствениот проблем во приказната на Хоуп е што и покрај илјадниците написи, интервјуа, бројни документарни филмови и обвинувања за вештерство во Нигерија, децата сè уште се стигматизирани, мачени и убивани. Законите насочени кон заштита на децата не се применуваат, а бројот на деца обвинети дека се нешто натприродно расте бидејќи тоа стана профитабилен бизнис“, рече таа.
Таа ги замоли сите да продолжат да ја споделуваат, не само приказната на Хоуп, туку и сите ужасни приказни за децата и да ја поддржат „Земјата на надежта“ за нивниот глас да биде посилен и помоќен.