Светот е шокиран од сликите на масакрирани луѓе на улица во мало гратче на периферијата на Киев. На фотографиите кои беа објавени викендов, се гледаат луѓе убиени со врзани раце зад грб.
За ова, Украина рече дека Русија извршила геноцид врз украинското население.
Русија денеска излезе со своја реакција.
Кремљ категорично ги отфрли наводите дека руските сили извршиле масакр во Буча, во близина на Киев, каде што беа пронајдени 20 тела на улица во градот.
Иако масакрот е документиран од светските медиуми, Русија вели дека обвинувањата на Украина треба да се земат со сомнеж.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес-конференција изјави дека „фактите и хронологијата на настаните во Буча не водат до украинска верзија“, пишува Гардијан.
Тој ги повика меѓународните лидери да не брзаат со судење.
Иако не даде никакви докази за да ги поткрепи своите тврдења, Песков рече дека „руските специјалисти виделе знаци на видео и видео монтажа“ од масакрот во Буча.
Буча е едно од местата на периферијата на Киев каде што беа стационирани руските сили, во неуспешниот обид да го окупираат главниот град на Украина, од февруари кога Русија започна воена интервенција на украинска територија.