Британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ги разгледаа вчерашните средби со европските и американските лидери, објави „Даунинг стрит“.

„Тие се согласија дека постои силно единство и цврста решеност да се постигне праведен и траен мир во Украина. Потоа се осврнаа на утрешните средби меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, кои претставуваат вистинска можност за напредок, под услов Путин да преземе чекори за да докаже дека е сериозен во врска со мирот. Тие се согласија да останат во близок контакт во наредните денови“, според канцеларијата на британскиот премиер.

Зеленски наведува дека имал детална дискусија со Стармер за можни безбедносни гаранции за Украина. Безбедносните гаранции се ветувања и механизми на кои Киев може да се потпре за да спречи уште една руска инвазија во случај двете земји да постигнат мировен договор, пишува Скај њуз.

„Тие гаранции имаат за цел да го направат мирот навистина траен ако Соединетите Држави успеат да извршат притисок врз Русија да го запре убивањето и да се вклучи во вистинска, суштинска дипломатија“, рече тој.

Зеленски додаде дека лидерите разговарале и за инвестиции во производство на украински беспилотни летала.

Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон ја предводат она што го нарекуваат „коалиција на добронамерните“ – група држави подготвени да распоредат таканаречени безбедносни сили за да го следат секој мировен договор меѓу Украина и Русија.

Текстот Објавени детали од состанокот помеѓу Стармер и Зеленски е превземен од МАКФАКС.