Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА) денеска го објави календарот за следната сезона во Формула 1, кој вклучува рекордни 23 трки.
Шампионатот ќе започне со трката за Големата награда на Бахреин на 20 март 2022 година, по што ќе следат трките за ГН на Саудиска Арабија (27 март) и Австралија (10 април).
Австралијците ќе бидат домаќини за прв пат од 2019 година, а нивните трки во последните две години беа откажани поради пандемијата на коронавирусот.
Нова трка во календарот ќе биде и ГН на Мајами (8 мај), а по 2019 година, Јапонија, Канада и Сингапур ќе се вратат на календарот.
Следната сезона, нема да се возат трки за ГН на Штајерска, Португалија, Катар и Турција (домаќини оваа сезона).
До крајот на тековната сезона остануваат уште шест трки, лидер во генералниот пласман е возачот на „Ред Бул“, Макс Ферстапен (262,5 поени), додека актуелниот шампион Луис Хамилтон од „Мерцедес“ е втор со 256,5 поени.