Во Јелоустонски филмски ранч во Монтана неделава се обновува снимањето на филмот „Р’ѓа“, соопшти претставник на Rust Movie Production, јави Си-ен-ен.

Advertisements

Продукцијата на филмот беше запрена во 2021 година откако актерот Алек Болдвин за време на подготовка на сетот истрела од реквизитен пиштол и ја уби снимателката Галина Хачинс.

Во истрелот беше ранет режисерот на филмот Џоел Соуза. Болдвин и Соуза се враќаат во проектот, изјавија од Rust Movie Production.

По истрелот, сопругот на Галина Хачинс, Метју, поднесе пријава против Болдвин, продуцентите и главните членови на снимателската екипа, но лани во октомври тој и актерот достигнаа вонсудски договор. Според делови од договорот, филмот треба да биде завршен со Метју Хачинс како негов продуцент.

Болдвин во јануари беше обвинет за убиство на Хачинс без предумисла. Тој се изјасни дека не е виновен.

На 21 октомври 2021 година за време на филмски сет Алек Болдвин со пиштол реквизит случајно ја застрела снимателката Галина Хачинс. Во пиштолот случајно се нашол вистински куршум. Оружјето му било предадено од помошникот режисер Дејв Холс, кој кажал дека не е наполнето. Холмс претходно бил отпуштан од снимања поради инциденти со оружјето.