Бугарските власти и денеска продолжија со меѓусебни обвинувања. Претседателот Румен Радев го обвини премиерот дека досега не успеал да подготви бугарски предлог и затоа сега мора да поднесува странски предлот без да го каже свој став. Радев го нарече Петков француски курир. Премиерот Петков повтори дека ќе ја почитува одлуката на собранието и од тоа зависи дали ќе биде кренато ветото за почеток на преговорите. Петков вели дека францускиот предлог е мост на доверба меѓу двете земји и дека со него двете земји добиваат гаранции за прашањата кои им се важни.
Advertisements
„Со промена на Уставот, од една страна ќе им се гарантира дека нема да измислуваме нови услови на секои шест месеци , а од друга страна ќе имаме гаранција дека ако направат промена на уставот ќе почнат преговори. Како што разбрав е вклучен механизам да нема дискриминација и да се следи дали има реална дискриминација против Бугарите во Северна Македонија и да има механизам против говорот на омраза. Тоа се многу важни критериуми за нас“, рече Кирил Петков-Премиер на Р. Бугарија.
За Радев францускиот предлог е чекор во вистинска насока, но остануваат уште голем број на прашања за кои исто така смета дека треба да добијат гаранции, пред да се укине ветото.
„Не помалку важни се јасните механизми и мерливите критериуми за искоренување на десетгодишната политика на дебугаризација, кражбата и фалсификувањето на бугарската историја, како и за обновување на уништените споменици и за зачувување на бугарското културно наследство, искоренување на говорот на омраза, рехабилитација на жртвите само затоа што се нарекувале Бугари“, рече Румен Радев- Претседател на Р.Бугарија.
На обвинувањата од Радев, одговори вицепремиерката Корнелија Нинова која му порача на бугарскиот претседател да не го користи патриотизмот на земјата за личен рејтинг и тоа однесување кажа дека е подло. Бугарската влада го испрати францускиот предлог до Народното собрание – пратениците на почеток на следната недела треба да се изјаснат дали го прифааќат или одбиваат.
Андреа Чобанова