Полицијата во Норвешка работи на претпоставката дека смртоносното пукање во ноќен клуб во Осло, популарен меѓу ЛГБТ заедницата, е поврзано со тероризам, соопштија од полицијата денеска.
Advertisements
Најмалку две лица загинаа, а 21 се повредени, од кои 10 потешко, соопшти полицијата по инцидентот во ноќниот клуб Лондон Паб, лоциран во норвешката престолнина.
Пукање имало и на други места во близина. Репортер кој бил сведок на нападот рекол дека видел човек со торба како пристигнува на местото на настанот, извадил пиштол и почнал да пука.
Друг сведок од ноќниот клуб рече дека настанала паника. Полицискиот инспектор Тор Солдал изјави за време на денешната прес-конференција дека напаѓачот, норвешки државјанин со иранско потекло, веројатно сакал да шири страв.
Локалните жители помогнале во апсењето на осомничениот, а полицијата подоцна им се заблагодари за напорите.
Сега, меѓу другото, се води истрага и поради сомнение за тероризам. Полицијата во текот на ноќта извршила претрес во станот на осомничениот.
Истражителот Кристијан Хатло изјави за весникот VG дека мажот (42) извршил кривични дела во минатото и бил осуден на неколку месеци затвор за прекршоци за дрога. Полицијата соопшти дека сите индиции укажуваат на тоа дека станува збор за сторител кој делувал сам.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Шторе им изрази сочувство на семејствата на жртвите.
„Осло доживеа „суров и длабоко шокантен напад“, рече тој во објава на Фејсбук.
Тој ја изрази својата солидарност со ЛГБТК заедницата, порачувајќи им „Ние стоиме со вас“. Поранешната премиерка Ерна Солберг го опиша чинот како „напад врз љубовта“ и врз слободата да сакаш кого сакаш.
Луѓето славеа во центарот на градот доцна до долгата летна вечер пред планираната парада на гордоста, а баровите, рестораните и другите згради беа украсени со знамиња од виножито.
Градоначалничката на Осло, Маријана Борген, претходно изјави колку градот се радува на настанот по пандемијата. Сепак, парадата беше откажана, рекоа организаторите, додавајќи дека тоа е во согласност со полициските совети.
„Наскоро повторно ќе бидеме горди и видливи“, изјави еден од организаторите на Прајд парадата, Кристин Хаугсевје./slobodnaevropa.mk