Новиот сириски привремен премиер Мохамед ал Башир ги повикува сириските бегалци ширум светот да се вратат во својата татковина по соборувањето на режимот на Башар ал Асад.
„Ги повикувам сите Сиријци во странство: Сирија сега е слободна земја која си ја врати гордоста и достоинството. Вратете се!“, рече Башир во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ објавено денеска, обраќајќи им се на милионите Сиријци кои ја напуштија својата земја од избувнувањето на граѓанската војна.
Со крајот на повеќедецениското владеење на семејството Асад, сега мора да се обноват безбедноста и стабилноста во сите сириски градови за да можат луѓето да се вратат во нормалниот живот, рече Башир. Во моментов се очекува тој да остане на функцијата до март.
Истакна декаедна од неговите најважни цели ќе биде да и помогне на земјата разорена од војна да се опорави, а сириските бегалци би можеле да играат важна улога по нивното враќање со нивното искуство стекнато во странство.
„Мораме да ја обновиме нашата земја и да ја поставиме на здрава основа и ни треба сечија помош“, рече тој.
Башир претходно беше премиер во упориштето на бунтовниците Идлиб. Оттаму, исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) – чиј главен командант е Ахмед ал Шара, попознат како Абу Мохамед ал Голани, ја започна офанзивата со која беше соборен Асад на 8 декември.
Башир се обиде да ги ублажи стравувањата на критичарите дека ХТС може да изврши премногу исламистичко влијание врз остатокот од Сирија.
„Погрешното однесување на некои исламистички групи доведе многу луѓе, особено на Запад, да ги поврзуваат муслиманите со тероризмот, а исламот со екстремизмот“, рече тој.
Тој го опиша тоа како лажна карактеризација и потврди дека сака да ги гарантира правата на сите луѓе во Сирија.
Запрашан за надворешната политика, Башир рече дека тој и неговата преодна влада „немаат проблеми со земјите, партиите или сектите кои се дистанцираат од крвожедниот режим на Асад“. На прашањето дали тоа значи дека сака да се дистанцира од Иран, Русија и Хезболах и да склучи мир со Израел, Башир не одговори.
Текстот Новиот сириски премиер се оградува од радикалниот исламизам, ги повика сите бегалци да се вратат дома е превземен од МАКФАКС.