Пред слетувањето во Израел, американскиот претседател Доналд Трамп им рече на новинарите во „Ер Форс Уан“ дека „сите сакаат да бидат дел од мирот“.
„Ќе ги направиме сите среќни“, рече тој. „Без разлика дали се Евреи, муслимани, арапски земји – секоја земја танцува на улиците. Ова е момент што не мислам дека некогаш повторно ќе го видиме“.
Трамп додаде дека верува оти прекинот на огнот ќе трае, наведувајќи „многу причини“ за тоа. „Тоа трае со векови, не само во последниве години, туку со векови. Мислам дека луѓето се уморни од тоа. Прекинот на огнот ќе се одржи“, рече тој.
„Сите ќе се однесуваат добро“, додаде тој. „Го направив животот подобар за многу луѓе“, кажа Трамп.
Додека траеше ослободувањето на заложниците, Трамп беше прашан во авионот дали мисли дека неговите мировни напори ќе го однесат во рајот. „Не мислам дека има нешто што ќе ме однесе во рајот“, се пошегува тој.
„Можеби не сум создаден за рајот. Можеби веќе сум во рајот сега, бидејќи летаме со Air Force One. Не сум сигурен дали ќе стигнам до рајот, но го направив животот многу подобар за многу луѓе.“
„Сега изгледа како градилиште, но ќе биде прекрасно со текот на годините.“, рече Трамп за иднината на Газа.
На прашањето на новинарите за неговата претходна идеја да ја претвори Газа во „ривиера“, Трамп рече дека тоа нема да биде можно некое време, истакнувајќи дека градот е целосно уништен.
„Срушен е, изгледа како градилиште по рушење. Мора да се ослободите од она што е таму сега“, рече тој, осврнувајќи се на уништените и срамнети со земја згради во Газа.
На прашањето како ја гледа Газа за една година, Трамп одговори: „Една година е кратко време, но со текот на времето ќе изгледа многу добро.“ Тој исто така рече дека би сакал да ја посети Газа.
фото: принтскрин
Текстот Новинарите го прашаа Трамп дали неговите мировни напори ќе го однесат во рајот: „Не сум сигурен“ е превземен од МАКФАКС.