Двајца меѓународни медиумски работници на „Sky News“ се повредени кај украинскиот град Буча на 30 километри од Киев. Кон автомобилот во се возеле низ навидум мирна област, ненадејно бил отворен оган. Се слуша како медиумскиот тим вели „стоп, ние сме новинари“, но нивниот апел не бил слушнат. Ранет бил ветеранот новинар Стјуарт Ремзи и снимателот. Откако успеале да избегаат од локацијата подоцна раскажале дека биле цел на руска диверзантска група која собирала информации за потребите на војската.
И додека работата на новинарите кои известуваат од конфликтните зони во Украина е опасна, затвор им се заканува на нивните колеги кои работат и известуваат во Русија.
Светскиот гигант Би-Би-Си, привремено ја суспендираше работата на своите новинари во земјата поради новиот закон со кој им се заканува затворање на сите за кои Русија мисли дека шират лажни вести за вооружените сили. Генералниот директор на Би-Би-Си, Тим Дејви, рече дека законот „изгледа дека го криминализира процесот на независно новинарство“. Канадскиот јавен радиодифузер, како и економскиот канал Блумберг, соопштија дека и тие привремено престануваат да известуваат од Русија, а Си-Ен-Ен ќе престане да зрачи во таа земја. Ова доаѓа откако претходно Русија ги забрани домашните информативни канали како ТВ Дожд поради начинот на кој известувале за инвазијата. Овој канал го заврши своето емитување со прикажување на персоналот како го напушта студиото.
Новиот закон во Русија беше усвоен во Долниот дом на Парламентот. Новинарите и медиумските работници можат да добијат високи казни вклучувајќи и до 15 години затвор. Кремљ се противи конфликтот да се нарекува „војна“, а во медиумите не смее да се споменува зборот „напад“, туку мора да се користи фразата „специјална воена операција“. Не смее да се критикува дејствувањето на воените сили и не смее да се шират „лажни вести“ за нивните постапки. Алсат.мк
/Фатлуме Дервиши