Во Мариупол, пристанишен град на југот на Украина е објавен привремен прекин на огнот, соопшти градскиот совет.
Тој ќе биде на сила од 9 до 18 часот по локално време, јавува Би-Би-Си.
Цивилите ќе можат да се евакуираат од градот по претходно договорена рута од 11 часот по локално време.
Како ќе се одвива евакуацијата?
Цивилите ќе можат да се евакуираат од Мариупол со автобуси од три места во градот, а ќе ја следат претходно договорената рута, која завршува во Запорожје, соопштија властите.
Можно е да се излезе од градот и со приватни возила, но од нив е побарано да возат зад автобусот во конвој предводен од Црвениот крст.
Градскиот совет додаде дека треба да се пополнат сите места во приватните возила.
Иако веста за новиот прекин на огнот е позитивна, сличен обид за евакуација, најавен во саботата, пропадна по само неколку часа поради продолжување на конфликтот, а украинската и руската страна меѓусебно се обвинија дека го прекинале примирјето.