Косовската полиција соопшти дека во раните утрински часови се случиле две експлозии во Шарпеј кај Јариње, каде се наоѓа граничниот премин меѓу Косово и Србија, додавајќи дека нема повредени или материјална штета. Според полицијата, постои сомневање дека експлозиите се случиле во близина на полициски автомобил, а биле извршени со пиротехнички средства. Полицијата соопшти дека се сомнева дека овие експлозивни направи биле фрлени од територијата на Србија.
„Нападите се случиле во близина на полицискиот автомобил каде полицијата била фокусирана на спречување на шверц во таа зона. Настанот се случил на дел кој е блиску до територијата на Србија и постои основано сомневање дека овие средства се фрлени од територијата на Србија. Полицијата надгледуваше нелегален пат затворен пред извесно време, а кој се користеше за шверц на стока“, изјави Косовска полиција
Ова е петти напад во последните четири дена на северот на Косово, во близина на граничните премини со Србија. Властите во Косово на 15 април објавија дека косовската полиција била цел на неколку напади, а министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечла соопшти дека полицијата била нападната и вчера. МВР во Приштина во февруари објави дека спроведува акција за затворање на нелегални премини кои се користат за шверц. Во меѓувреме, во октомври минатата година, полициски службеници спроведоа голема акција против шверцот во регионот на Приштина, Пеќ, Јужна и Северна Митровица. Последните напади во северно Косово, област со мнозинско српско население, ги осудија американската амбасада во Приштина, Европската унија и НАТО. /Алсат.мк
Арта Тахири