Продолжувањето на соработката меѓу напаѓачот Алваро Мората и Јувентус по завршувањето на оваа сезона е под голем знак прашалник, бидејќи клубот од Торино не е подготвен да плати 35 милиони евра за да го откупи неговиот важечки договор со Атлетико Мадрид, објавија денеска италијанските медиуми.
Шпанскиот напаѓач дојде во Јувентус во 2020, на двегодишна позајмица, за што „Бјанконерите“ платија 20 милиони евра, а на истекот на оваа сезона можат да го откупат неговиот договор за 35 милиони евра.
Медиумите наведуваат дека таа сума е превисока за Јувентус и клубот веќе почнал преговори со Атлетико за евентуално намалување на откупната клаузула.
Мората во 57 настапи за Јувентус во сите натпреварувања постигна 24 голови.