Од планината Водно денеска ќе биде означен официјалниот почеток на пролетниот дел од досега најголемата акција за чистење и пошумување во земјата „Генералка викенд 2022“, што до 8-ми мај ќе се спроведува во 26 општини ширум земјата.
Организатори на еколошката акција „Генералка викенд“ се „Мен енд Маунтен“ и „Пакомак“, а е поддржана од Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и таа ќе се одвива од 6 до 8 мај во општините Аеродром, Берово, Битола, Град Скопје, Ѓорче Петров, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Сарај, Теарце, Велес, Валандово, Босилово, Демир Капија, Гостивар, Крушево, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип, Гевгелија, Конче и Струмица.
На 9 мај ќе има специјална акција во Дебар, а на 17/18 мај во Шуто Оризари.
Како што информираат организаторите на еко-акцијата, во рамки на настанот ќе биде спроведена акција за собирање на отпадот од пешачките патеки и местата за одмор и рекреација на планината Водно.
За собраниот отпад ќе се погрижи „Пакомак“, кој ќе направи негова соодветна селекција и рециклирање. Планирано е за секои десет килограми собран отпад да се посади едно дрво. Акцијата на пошумување ќе се спроведе наесен. Дополнителен број садници ќе се обезбедат од средствата што ќе бидат донирани преку платформата „Сончева гора“, која ќе биде отворена за сите заинтересирани поединци и компании
Откако ја започнавме ‘Генералка викенд‘ во 2021 ги поврзавме сите слоеви на нашето општество, граѓани, невладини организации, општини, важни компании и институции, за да следиме заедничка цел: да го рециклираме отпадот од минатото во зелена иднина, која треба да даде надеж и можности за нашите и следните генерации да останат во нашата земја. Нашата цел е да ја исчистиме татковината од отпад во периодот од 2021 до 2031, вели Гордана Софија од „Мен енд Маунтен“.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.