Американската вселенска агенција НАСА почна да спроведува забрана за кинеските граѓани да работат на нејзините програми, дури и за оние со важечки визи, што дополнително го нагласува интензивирањето на вселенската трка меѓу САД и Кина, пишува Гардијан.

Оваа промена на политиката, која првпат ја објави Блумберг њуз, ја потврди самата НАСА.

„НАСА презеде внатрешни мерки поврзани со кинеските државјани, вклучително и ограничување на физичкиот и сајбер пристапот до нашите објекти, материјали и мрежа, за да се обезбеди безбедноста на нашата работа“, изјави портпаролката на агенцијата Бетани Стивенс.

Според Блумберг, на кинеските државјани претходно им било дозволено да работат како надворешни соработници или студенти кои придонесуваат за истражување, иако не можеле да бидат вработени. Сепак, ситуацијата драстично се промени на 5 септември, кога неколку лица, зборувајќи анонимно, потврдија дека одеднаш им е одбиен пристап до ИТ системи и им е забрането да присуствуваат на состаноци.

Оваа одлука доаѓа во услови на зголемена антикинеска реторика од администрацијата на претседателот Доналд Трамп, во време кога САД и Кина се натпреваруваат кој ќе биде прв што повторно ќе испрати човечки екипаж на Месечината.

Американската програма „Артемис“, наследник на легендарната програма „Аполо“, има за цел слетување во 2027 година, но се соочува со пречекорување на трошоците и значителни одложувања.

Од друга страна, Кина планира да ги спушти своите таиконаути на Месечината до 2030 година.

„Во моментов сме во уште една вселенска трка“, изјави минатата недела вршителот на должноста администратор на НАСА, Шон Дафи.

„Кинезите сакаат да се вратат на Месечината пред нас. Тоа нема да се случи. Америка водела во вселената во минатото и ќе продолжиме да водиме во вселената во иднина.“

Покрај Месечината, Кина има амбиции да стане првата земја што ќе донесе примероци од површината на Марс. Планира таа роботска мисија да се лансира во 2028 година, додека враќањето на Земјата треба да биде веќе во 2031 година.

Во исто време, со својот предлог за буџет, администрацијата на Трамп сигнализираше дека има намера да ја откаже планираната мисија за донесување примероци од Марс (MSR), што е заеднички проект со Европската вселенска агенција. Оваа задача би можела да ја изврши мисија со екипаж, но конкретните детали сè уште не се познати.

Фото: принтскрин

Текстот НАСА им забрани на кинеските граѓани да работат на вселенски програми е превземен од МАКФАКС.