Италијанскиот фудбалски тим на Наполи претрпе шок на домашен терен од Емполи и со бизарен гол загуби со резултат 0:1, но тоа не беше единствена лоша вест за тренерот Лучијано Спалети кој остана и без двајца стартери.
Пјотр Зиелински беше повлечен уште во раната фаза и му го отстапи местото на Инсиње во 22-та минута, а при напуштање на теренот, се жалеше на болки во градите и неправилно дишење.
Наполи со своето официјално соопштение испрати брзо смирување до фановите и потврди дека првите тестови биле негативни на било какви посериозни здравствени проблеми кај Полјакот.
Во своето соопштение, Наполи даде кратка информација и за Елиф Елмас, кој поради болки не го доигра мечот и беше повлечен од игра во самата завршница.
– Елиф Елмас беше изваден од игра во завршницата од мечот со Емполи поради траума на мускулот на десната потколеница. Зиелински го напушти теренот со потешкотии со дишењето, но тестовите на кои беше подложен дадоа негативни резултати, – гласи објавата на Наполи.