Мајк Валц, советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, веќе е отпуштен поради користење на лошо заштитена копија од апликацијата „Сигнал“ за службени комуникации, но последиците од тој безбедносен скандал сè уште се присутни.
Како што пишува „Ројтерс“, хакер пристапил до податоци од израелската апликација „TeleMessage“, која била продадена на американската влада за архивирање на пораки од апликации како што е Signal, и со тоа добил податоци за многу поголем број службеници отколку што се сметало претходно.
„Ројтерс“ откри дека податоците на повеќе од 60 службеници биле протечени од системот „TeleMessage“. Меѓу нив се вработени во Стејт департментот, Белата куќа, службите за итни случаи и Тајната служба.
Иако пораките во многу случаи биле фрагментирани, новинарите можеле да ги видат телефонските броеви на владините службеници.
Надворешни корисници чии броеви беа исто така компромитирани, вклучувајќи работник за помош при катастрофи и вработен во финансиска институција, потврдија дека навистина размениле пораки со претставници на администрацијата на Трамп.
Работите тргнаа наопаку за Валц откако случајно го додаде главниот уредник на списанието „Атлантик“, Џефри Голдберг, во групата „Сигнал“ каде што официјалните лица дискутираа за воени планови, имено напади врз јеменските Хути.
Според информациите објавени од „Wired“, хакерот успеал да провали во серверот на „TeleMessage“ за помалку од 20 минути.
Откако добил пристап, хакерот пронашол датотека наречена „heapdump“, која содржела податоци за најавување, а бидејќи пораките биле архивирани без енкрипција, тој можел да види делови од самата комуникација.
Белата куќа издаде кратко соопштение во кое потврди дека е „свесна за инцидентот со сајбер безбедноста“, но не понуди дополнителни информации.
Текстот Над 60 членови на администрацијата на Трамп цел на хакерски напад е превземен од МАКФАКС.