Светот вчера го одбележа денот на слободата на печатот, а во Русија се уште 32 претставника на украинските медиуми остануваат во заробеништво. Во тек се преговори за што поскоро нивно враќање во Украина, пишува Укринформ.
Вршителот на должност министер за култура и информатичка политика на Украина, Ростислав Карандијев, го изјави ова за време на патувањето во регионот Запорижја, соопшти прес-службата на Министерството за информатичка политика и култура.
Во рамки на патувањето, Карандијев се сретна со претставници на локалните медиуми. Тема на нивната средба беше и поддршката за регионалните медиуми и враќањето на заробените медиумски работници.
„Оживувањето на Украина започнува со регионите. Затоа, треба да ги започнеме овие процеси токму сега, вклучително и со вклучување на оние кои ќе ја емитуваат оваа преродба, ќе ја толкуваат промената и ќе се вклучат во формирањето на критичко размислување во општеството“, истакна високиот украински претставник.
Карандијев нагласи дека Министерството за информатичка политика и култура веќе подготвува декларација за буџетот за наредната година, каде што ќе се стави сериозен акцент на финансиската поддршка за регионалните медиуми, особено за печатените медиуми.
Г. Т.