Археолозите велат дека пронашле докази за најстарата човечка населба на европско езеро на албанската страна од Охридското Езеро, за која се верува дека е стара до 8.000 години.

Тим научници од Швајцарија и Албанија поминуваат три часа под вода секој ден макотрпно отстранувајќи дрвени столбови на кои биле потпрени куќите, објави Ројтерс. Археолозите, исто така, наоѓаат коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детални резби.

Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн рече дека слични населби се пронајдени во алпскиот и медитеранскиот регион, но населбата во Лин, Албанија, е половина милениум постара, датирајќи помеѓу шест и осум илјади години.

„Органскиот материјал е добро зачуван бидејќи е под вода, што ни овозможува да откриеме што јаделе овие луѓе, што саделе“, рече Хафнер.

Неколку студии покажаа дека Охридското Езеро, кое се наоѓа помеѓу Македонија и Албанија, е најстарото езеро во Европа, старо повеќе од еден милион години.

Староста на наодите се утврдува со радиоизотопско датирање и дендрохронологија, која ги брои прстените на дрвјата. Од локацијата се собрани повеќе од илјада примероци од дрво. Се верува дека населбата, во која можеби живееле неколку стотици луѓе, се протегала на околу шест хектари, а сега, по шест години работа, ископан е само околу еден процент од вкупниот материјал.

Текстот На охридското крајбрежје откриена можеби најстарата населба во Европа на езеро е превземен од МАКФАКС.