На израелските туристи им е забранет влезот на Малдивите, објави денес претседателот на островската земја, обвинувајќи го Израел за геноцид врз Палестинците во војната во Газа.
Претседателот на Малдивите, Мохамед Муизу, го ратификуваше амандманот на законот за имиграција откако тој беше усвоен од парламентот, соопшти неговиот кабинет.
Амандманот воведува нова одредба во Законот за имиграција која изрично им забранува на посетителите со израелски пасоши да влезат на Малдивите. „Ратификацијата ја одразува цврстата позиција на владата како одговор на континуираните злосторства и геноцидни акти извршени од Израел против палестинскиот народ“, се вели во соопштението.
Израел ги негира обвинувањата за геноцид и тврди дека го почитува меѓународното право и има право да се брани по прекуграничниот напад врз Израел од страна на Хамас на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната.
Јужна Африка го тужеше Израел пред Меѓународниот суд на правдата на ОН, а Амнести интернешнл ја обвини земјата за геноцид врз Палестинците во Газа во извештај од минатиот декември, но израелските власти ги негираа сите обвиненија.
Муизу повика на забрана за влез за Израелците уште од јуни 2024 година, по препорака на владата, што го поттикна израелското Министерство за надворешни работи да им препорача на своите граѓани да го избегнуваат архипелагот познат по своите недопрени плажи и луксузни одморалишта.
Туризмот е главен двигател на економијата на Малдивите, со учество од околу 21 процент од БДП со приходи од 5,6 милијарди долари во 2024 година, според владини податоци. Островската нација очекува околу пет милијарди долари приходи од туризмот оваа година.
Текстот На израелските туристи им е забранет влезот на Малдивите е превземен од МАКФАКС.