Русија денес изјави дека идејата за користење на нејзините замрзнати средства за кредитирање на Украина, за која дискутираат лидерите на ЕУ, е неразумна и би предизвикала многу остра реакција од Москва, додека белгискиот премиер повика на споделена одговорност меѓу земјите-членки во случај на таков план.

Манипулирањето со руските средства би претставувало кршење на меѓународното право, а Москва има богат арсенал на економски и политички средства за соодветно да одговори, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.

Русија сака да ги потсети владите на ЕУ, а особено Белгија, каде што се наоѓаат повеќето од замрзнатите средства на Русија, да ги почитуваат своите меѓународни обврски, предупреди таа.

На вчерашниот самит во Копенхаген, лидерите на ЕУ изразија широка поддршка за идејата за користење на руски средства замрзнати на Запад за да се обезбеди заем од 140 милијарди евра на Украина без конфискација на средствата.

ЕУ сè уште треба да ги среди сложените правни и финансиски аспекти, а меѓу предлозите е враќање на средствата ако и кога Украина ќе добие репарации од Русија според мировен договор.

„Не сакам ни да дискутирам за овој концепт, толку е неразумен. Но, зборот репарации ми го привлече вниманието… За какви исплати на репарации зборува Урсула фон дер Лајен?“, се подбиваше Захарова.

Русија ја добива војната против Украина, а репарациите ги плаќаат губитниците, тврди таа.

Текстот Москва се заканува со последици ако ЕУ го искористи рускиот имот за финансирање на кредит за Украина е превземен од МАКФАКС.