На денешен ден пред 10 години, светот беше шокиран од соборувањето на авионот од летот MH17 на Малезија ерлајнс од страна на руските војници и поединци под нивна директна контрола. Сите 298 луѓе загинаа, објави на „Х“ Министерството за надворешни работи на Украина.
Во неколку врзани објави, од МНР на Украина прашуваат: „Што се случи тој ден и како Русија одговара?“
„Во 2014 година, летот MH17 на Малезија ерлајнс беше на пат од Амстердам кон Куала Лумпур, преминувајќи го истокот на Украина, кога беше соборен од руски противвоздушен ракетен систем „Бук“.
Од средината на мај 2014 година, Русија има контрола над привремено окупираните делови на регионот Доњецк, од каде што беше извршен нападот.
По повеќе од 2 години судење, Окружниот суд во Хаг прогласи три лица за виновни за соборување на авионот и убиство на луѓе.
Русија и нејзините пропагандисти продолжија да лажат за MH17 дури и откако Окружниот суд во Хаг ги утврди сите вистинити факти и донесе пресуда во 2022 година.
Затоа е толку важно доведувањето на Русија и руските криминалци на одговорност.
Напорите на Украина и нејзините партнери, вклучително и во рамките на Заедничкиот истражен тим, меѓународните организации и меѓународните судски институции остануваат исклучително важни за враќање на правдата и безбедноста на меѓународната цивилна авијација.
Русија мора да сноси одговорност за нападот врз глобалната заедница.
Злосторствата на Русија не смеат да имаат рок на траење – исто како што споменот на убиените поради руската агресија никогаш не треба да згасне“, се наведува во објавите од украинското МНР.