Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на официјалните состаноци на сите лидери на НАТО-самитот го користеше уставното име на државата Република Северна Македонија. Ова го изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на прес-конференција која тој ја одржа пред крајот на самитот со новинарите од грчките медиуми присутни во Вашингтон.
Сепак, како што посочи Мицотакис пред новинарите, тој ги информирал колегите од НАТО дека е загрижен оти Мицкоски одлучил да не го спроведува клучниот дел од Договорот од Преспа во врска со употребата на името ерга омнес, што значи внатре и надвор од државата, односно да ја нарекува државата Република Македонија дома, што како што вели грчкиот премиер, е забрането со договорот.
„Секако, сакам да истакнам дека во просторијата и во присуство на сите лидери на НАТО, тој не ја следеше таа пракса и го користеше уставното име на својата земја“, рече Мицотакис.