Ако Заев е сигурен дека победува и дека е најдоброто, тогаш зошто има потреба на 4 дена пред избори да врши поткуп на 160 фирми за да влијаат кај своите вработени и така да збира гласови, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот предизборен митинг во Кратово, додавајќи дека овој пат поткупот на Заев нема да му помогне затоа што народот е одлучен за промени.
Мицкоски истакна дека СДСМ нема ниту план ниту програма, ги ветува истите работи од пред 4 години и во ситуација кога анкетите и бројките покажуваат изборите единствено им остана да се служат со тројански проекти во опозицијата и со поткуп.
– Поткупот кој го прават со црни пари, крадени пари од народот, но и со државните пари со кои треба да располагаме сите ние. Пред некој ден објавивме видео снимка каде носат црни вреќи со пари во Битола. Вадат од брендираниот автомобил каде пишува најдоброто за вашата општина и мислат дека на тој начин ќе ја купат поддршката од граѓаните. Тоа се крадените пари на Заев, а еве што прават со државните пари. Денес спротивно на Законот, на седница на Влада Заев се обидува да додели неколку десетици милиони евра вонредна парична помош за 160 компании мислејќи дека газдите на тие компании кои се блиски до СДСМ ќе влијаат на вработените, тие на семејствата и така ќе го амортизира поразот на 4 дена пред избори, изјави Мицкоски.
Мицкоски прашува зошто на 4 дена пред изборите Зоран Заев се одлучил на ваков брутален начин да купува гласови, ако е најдоброто како што вели и ако навистина победува како што вели.
– Вистината е сосема спротивна, уплашен е, во погледот му се гледа стравот од пораз и одговорност, она што сите нив ги плаши и затоа мислат дека крадените пари ќе ги спасат од пораз. Нема да ги спасат, народот е одлучен. Излезете на избори за да не дозволиме да ни ја украдат иднината. Не постои власт која може да победи со поткупени гласови, колку што може народ да излезе и да ги казни тоа што ја одземаат заедничката иднина, потенцираше тој.
Мицкоски нагласи сега е моментот кога се одлучува за иднината, или народот, или бандитите на власт, да се гласа масовно за да создадеме нова иднина.