Привремените мировни сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) денеска ги повикаа Израел и либанската група Хезболах да ги запрат непријателствата за да се спречи понатамошна ескалација долж либанско-израелската граница.
УНИФИЛ во соопштението наведува дека има загрижувачки тренд во размената на прекугранични оган меѓу Израел и Хезболах.
„Овој конфликт веќе однесе премногу животи и предизвика значителна штета на куќите и јавната инфраструктура. Тоа ја загрози егзистенцијата и ги промени животите на десетици илјади цивили од двете страни на Сината линија. Меѓутоа, сега гледаме проширување и интензивирање на нападите“, се наведува во соопштението.
УНИФИЛ ги повика сите страни да ги прекинат непријателствата со цел да се спречи понатамошна ескалација и да се остави простор за политичко и дипломатско решение кое може да ја врати стабилноста и безбедноста на луѓето во овој регион.
Тензиите се разгореа долж границата меѓу Либан и Израел поради се почестата размена на оган меѓу израелските сили и Хезболах во, како што се верува, најсмртоносните борби откако двете страни водеа голема војна во 2006 година.