Министерот за надворешни работи на Украина поднесе оставка пред најавената реконструкција на кабинетот

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба денеска поднесе својата оставка откако претседателот Володимир Зеленски ги објави плановите за реорганизација на кабинетот. Украина се соочува со две ипол годишна инвазија од Русија.

Како што објави Си-ен-ен, оставката на Кулеба ќе биде разгледана од пратениците во Врховната рада, украинскиот парламент.

Еден ден претходно, спикерот на Парламентот, Руслан Стефанчук рече дека вицепремиерката за европски и евроатлански интеграции Олха Стефанишина и вицепремиерката за реинтеграција на привремено окупираните територии Ирина Верешчук, исто така, поднеле оставки.

Зеленски вчера рече дека се на повидок повеќе промени во владата на Украина во обид да се зајакне владата и да се постигнат резултатите што и се потребни на земјата.

Вчера оставки поднесоа и министерот за стратегиски индустрии, Олександар Камишин, министерот за правда Денис Маљуска и министерот за животна средина Руслан Стрилетс. Камишин, кој го надгледува домашното производство на оружје, рече дека ќе продолжи да работи во одбранбениот сектор, но во друга улога.

На Украина и треба поголема интеракција меѓу централната влада и заедниците, особено за време на подготовките за зимската сезона, рече Зеленски за да ги објасни промените.

А.М.