Министерот за надворешни работи на Украина нема да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Информацијата е објавена на официјалната интернет страница на Министерството за надворешни работи на Украина.
Како што се наведува во соопштението, причина е доаѓањето на министерот за надворешни работи на Руската федерација, Сергеј Лавров.
„Треба да работиме заедно за да го спасиме ОБСЕ од Русија, а не да испраќаме сигнали за можноста за враќање на формите на соработка што постоеја пред февруари 2022 година со државата што ја спроведе најголемата вооружена агресија во Европа од крајот на Втората светска војна и грубо ги прекрши сите Хелсиншки принципи.
Со оглед на тоа, делегацијата на Украина нема да учествува на министерскиот состанок на ОБСЕ на ниво на министри за надворешни работи. Во исто време, Украина останува посветена на принципите на ОБСЕ и е подготвена да продолжи да работи со партнерите со цел да се врати почитувањето на завршниот акт на Хелсинки, особено врз основа на имплементацијата на Формулата за мир на претседателот на Украина, Володимир Зеленски“, се наведува во соопштението.