За 11,4 отсто во однос на минатата недела е зголемен бројот на новозразени со ковид-19 кај лицата меѓу 20 и 29 години, покажува последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за период од 25 до 31 октомври годинава.
Тестирани се вкупно 20.976 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на ковид-19, со намалување од 2,3 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.804 нови позитивни случаи од 32 градови во државата со зголемување од 3,7% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 9,9% до 16,0%, просечно 13,2%.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци и Крива Паланка.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=714, 25,5%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 (n=94; 3,4%). Се забележува зголемување на бројот на заболени скоро кај сите возрасни групи, со најзабележително зголемување кај возрасната група од 20-29 години, 11,4% повеќе во однос на претходната недела. Намалување се забележува кај возрасните групи од 0-9 години (-17,5%) и над 60 години (-1,2%).
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.519 (54,2%) лица од женски и 1.285 (45,8%) од машки пол.
Со статус „оздравени“ се стекнале 2.205 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Во текот на мината недела вкупно се пријавени 38 реинфекции, зголемување од 5,6% во однос
на претходната недела. Заклучно со 31.10.2021 вкупно се регистрирани 734 реинфекции (една втора реинфекција).
Пријавен е 71 смртен случај во 20 градови во текот на изминатата недела, најголем дел од нив се од Скопје (18). Најголем број (n=58; 81,7%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (5), 40-49 години (5), 30-39 години (2) и од 10-19 години (1 лице).
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.