Работнички со оптимизам влегува во проектот за новата натпреварувачка сезона 2023/24 во Првата фудбалска лига, а раководството на клубот има доверба во шефот на стручниот штаб Милан Илиевски, со кого е постигната согласност за обновување на соработката и за наредниот период.
„Раководството на клубот ја анализираше изминатата сезона и иако нема многу причини за задоволство од конечниот пласман на табелата, сепак, задоволни сме од професионалноста и начинот на работа на шефот на стручниот штаб, Милан Илиевски. Со него постигнавме договор за продолжување на соработката и во наредниот период. Откако ја доби довербата, Илиевски ја стабилизираше екипата, оствари позитивни резултати, а истовремено и промовираше голем број млади фудбалери во тимот, кои се стекнаа со неопходното прволигашко искуство и се светла иднина на ФК Работнички“, изјави претседателот на клубот, Драган Поповски.
Тренерот Милан Илиевски е задоволен што ја продолжува соработката со Работнички и за наредниот период.
„Чест е да се предводи ФК Работнички, но и голема обврска. Благодарност до раководството на клубот за довербата, можам да ветам напорна работа, а уверен сум дека тимот располага со голем потенцијал и ќе се трудиме да го извлечеме најдоброто на секој натпревар за да ги исполниме целите на ФК Работнички“, изјави шефот на стручниот штаб, Милан Илиевски.
Работнички сезоната во ПМФЛ ја заврши на осмата позиција со 37 освоени бодови./Gol.mk/