Британските шпиони ќе ја користат „темната мрежа“ за регрутирање информатори и добивање класифицирани информации од агенти во Русија и низ целиот свет, соопшти Министерството за надворешни работи на Британија.
Тајната разузнавачка служба, британската шпионска агенција позната како MI6, ќе користи портал за „темна мрежа“ наречен Silent Courier, кој ќе им овозможи на луѓето безбедно да пренесуваат детали за нелегални активности насекаде во светот или да нудат свои услуги.
„Денес ги молиме оние со чувствителни информации за глобалната нестабилност, меѓународниот тероризам или активностите на непријателските државни разузнавачки служби безбедно да го контактираат MI6 преку интернет“, ќе каже шефот на MI6, Ричард Мур, кога официјално ќе ги објави плановите во говорот во Истанбул во петок. „Нашата виртуелна врата е отворена за вас“, ќе каже Мур, кој претходно ги повика Русите да шпионираат за Велика Британија.
MI6, основана во 1909 година, но официјално признаена како постоечка дури во 1990-тите, обично работи во сенка, а само нејзиниот раководител – познат како „C“ – е јавно назначен член на службата.
Во промотивното видео што го придружува соопштението, се наведува дека основата на операцијата на MI6 била лична средба, но дека сега се свртуваат кон анонимноста на темната мрежа, таен дел од интернетот со скриени страници што често ги користат дилерите на дрога, терористите и лицата што злоупотребуваат деца.
Упатствата за тоа како да се користи порталот ќе бидат објавени на YouTube каналот на MI6, соопшти Министерството за надворешни работи.
„Како што светот се менува и заканите со кои се соочуваме се множат, мора да се осигураме дека Велика Британија е секогаш еден чекор пред нашите противници. Сега ги зајакнуваме нивните напори со најсовремена технологија за да може MI6 да регрутира нови шпиони во Русија и низ целиот свет“, рече министерката за надворешни работи Ивет Купер.
Веста доаѓа во време кога Мур, кој некои британски медиуми го споменуваат како можен кандидат да стане следниот амбасадор на Велика Британија во Вашингтон, се подготвува да се повлече овој месец од функцијата шеф на MI6 по пет години. Тој ќе биде заменет од Блез Метревели, првата жена шеф на агенцијата.
фото: принтскрин
Текстот МИ6 ќе бара нови доушници на темната мрежа е превземен од МАКФАКС.