Мета на руски воздушни напади се и украински болнички центри. Синоќа неколку ракети ја погодија болницата во градот Житомир, односно породилиштето.
Градоначалникот на овој град преку видео објавено на социјалните мрежи изјави дека две лица го загубиле животот, а 16 се повредени.
„Токму сега падна бомба и погоди станбена зграда во близина на нашата втора болница на улицата Сабуров. Имаше неколку бомби. Зградата е уништена. Вратите и прозорците на болницата беа кренати во воздух“, рече Сергеј Сухомлин, градоначалник на Житомир.
Во меѓувреме, во текот на денот, вработените во Нуклеарната централа „Запорожје“, поддржани од жители во областа ѝ поставија заседа на руската армија за да го блокираат нејзиното продирање во централата. Илјадници луѓе поставија контролни пунктови и ги блокираа патиштата со тешка механизација.
Ваков отпор имало и на улиците на други градови. Се слуша како граѓаните ги повикуваат Русите да ја напуштат Украина.
Украинското разузнавање во текот на денот соопшти дека уапсило две диверзантски групи од Русија и Белорусија. Во првата група биле фатени неколку падобранци, додека во втората, руски и белоруски државјани за кои постои сомнеж дека биле агенти од двете земји и кои евентуално спремале напади во метрото каде што се евакуираат граѓаните.
Локалните и меѓународните медиуми објавија слики од загуби на руската армија, во заседа од украински граѓани и вооружени сили. Меѓународните извештаи го истакнуваат позитивниот ефект на герилците и забуната на руските сили како резултат на промената на патните знаци.
Има и украински извештаи во кои се вели дека руски војници се предале поради тоа што немале доволно храна, па се споделува и видео каде на руски војник на периферијата на Киев граѓаните му даваат храна и му дале телефон за да се слушне со мајка му.
Адриан Керими