Канцеларот Фридрих Мерц не ја исклучи можноста новите санкции против Русија да ги вклучат и руските средства замрзнати од Европската унија.

„Моментално ја истражуваме оваа опција“, рече тој во интервју за „Ди Цајт“. „Доколку постои законска основа за мобилизирање на овие средства, ние ќе го сториме тоа.“

Сепак, Мерц предупреди за потенцијалните ризици.

Германија, заедно со Франција, Велика Британија и Полска, ѝ се заканија на Русија со дополнителни санкции доколку не се согласи на прекин на огнот во Украина. За време на неодамнешната посета на Киев, лидерите на овие земји поставија рок до минатиот понеделник, на кој Русија не одговори.

ЕУ би можела да одговори со казнени мерки до крајот на оваа недела, додаде претходно Мерц.

Според податоците на Европската комисија, околу 210 милијарди евра од руската централна банка се замрзнати во ЕУ. Од средината на минатата година, ЕУ користи камата од овие фондови за финансирање на испорака на оружје и муниција во Украина.

Директната експропријација на средствата на руската централна банка предизвикува сомнежи во ЕУ поради правни проблеми и можни одмазди. Во 2023 година, Москва ја предупреди ЕУ да не ги конфискува средствата на руската држава или на руските граѓани.

Доколку ЕУ преземе таков чекор, Русија би можела да возврати со конфискација на средствата на европските компании што работат во Русија. Исто така, експропријацијата на руски имот би можела да ја разниша довербата на другите земји и инвеститорите во Европската Унија.

Текстот Мерц ги разгледува санкциите на ЕУ против Русија: можност за покренување на замрзнатите фондови е превземен од МАКФАКС.