Северна Македонија и Албанија се најголеми генератори на стабилноста во регионот на Западен Балкан, нешто што Европската Унија мора да го препознае, заеднички беше констатирано на денешната средба на амбасадорот Данчо Марковски и претседателката на албанскиот Парламент Линдита Никола, информираа од македонската амбасада во Тирана.
Двајцата соговорници размениле мислења за идната парламентарна соработка, како и за актуелните односи меѓу двете држави.
Заеднички било констатирано дека иницијативата Отворен Балкан дава можност за натамошно економско поврзување и зголемување на економско трговската соработка во регионот.
-Соговорниците се согласија дека Македонците во Албанија и Албанците во Северна Македонија се најсилниот гарант во градењето на билатералните односи меѓу двете држави. Доказ за пријателските односи е и бројот од над 400.000 македонски туристи кои годинава летуваа на албанското приморје, наведуваат од амбасадата.
Амбасадорот Марковски меѓу другото информирал за активностите околу отворањето на лекторатот на македонски јазик во Корча и за идните чекори на полето на образованието и културата.
-Претседателката Никола ја поздрави оваа иницијатива, нагласувајќи дека ќе има пошироко значење за припадниците на македонското национално малцинство во Албанија, нагласувајќи дека и самата го научила македонскиот јазик со оглед на тоа што нејзиниот сопруг е по потекло од областа Голо Брдо, посочуваат од македонската амбасада во Тирана.