Со мал одзив но без проблеми – поминаа локалните избори на северот на Косово во четирите општини со мнозинско српско население Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ. Гласачките места беа отворени и затворени навреме под строги безбедносни мерки. Покрај вообичаените гласачки центри, како што се училиштата, за гласачите во селата во кои живеат Албанци имаше поставено и 13 монтажни единици за гласање .
Во текот на гласањето, властите ги повикаа гласачите да излезат на гласање.
Претседателот на Централната изборна комисија на Косово, Крешник Радониќи ги повика граѓаните на северот на Косово да го остварат своето избирачко право.
„На овој начин тие можат да изберат свои претставници и да изградат демократски правни институции“, рече Крешник Радониќи, претседател на Централната изборна комисија.
Учеството, сепак, е мало, по повиците на најголемата партија на косовските Срби – Српска листа за бојкот на процесот. До 15 часот, на гласање излегоа околу 2,4 проценти, односно околу 1000 од вкупно 40 000 запишани избирачи.
Единствена српска кандидатка на изборите за градоначалник на општина Звечан е Слаѓана Пантовиќ.
„Очекувам за граѓаните на Звечан да биде подобро од досега, изборите да се одржат тивко, мирно и без инциденти, бидејќи мислам дека изборите се одржуваат и треба да се одржат во мир, љубов и почит кон народот а не со омраза, закани и уцени“, изјави Слаѓана Пантовиќ, кандидат за градоначалник на Звечан.
Граѓаните очекуваат подобар живот и работа. Велат дека може да има соживот меѓу Србите и Албанците.
„Можно е (Албанците и Србите можат да живеат заедно), зошто да не? Кога бизнисот оди, сè може оди“.
Општините на север останаа без градоначалници од ноември минатата година, кога српските претставници во таа област дадоа отказ од своите работни места, поради несогласување со одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на автомобили со нелегални српски таблички. /алсат.мк