Нов француски претседател е Емануел Макрон на кој Французите денеска му доверија нов петгодишен мандат освојувајќи 58 отсто од гласовите, покажуваат излезните анкети. Сепак тој е далеку од 66,10 отсто освоени гласови во 2017 година. Марин Ле Пен освои 42 отсто од гласовите, јави дописникот на МИА.
Advertisements
Како и во 2017 година, 48,7 милиони Французи избираа меѓу Емануел Макрон и Марин Ле Пен. Првиот беше фаворит. Но, никогаш екстремната десница не изгледаше толку блиску до портите на Елисејската палата. Резултатот од далеку ги надминува резултатите од пред пет години кога таа освои 33,90 отсто од гласовите. Таа денеска освои 42 отсто од гласовите.
Емануел Макрон се очекува да им се обрати на своите приврзаници од пред Ајфеловата кула на Полињата на Марс. Симболично место со универзалноста на Ајфеловата кула како декорација за новоизбраниот претседател, место кое му беше одбиено во 2017 година. Тука, од околу 19 часот, започнаа да се собираат неговите симпатизери со многу француски и европски знамиња.
Во изборниот штаб на Марин Ле Пен – Павилјонот д’Арменoвил во 16-от париски арондисман, непосредно пред објавувањето на резултатите се појавија шишиња со шампањ на кои пишуваше „Марин претседател 2022“, забележа новинарот на „Фигаро“.
Нејзините симпатизери се послужуваа без комплекс, иако некои од нив не веруваа во победа на овие избори. Но пред сè, тие слават „политичка и морална“ победа.
Неизлезеноста на гласачите се очекува да достигне 28,2 отсто во вториот круг од претседателските избори, 2,5 поени повеќе отколку во 2017 година (25,44%), според процените на ИФОП.
Ова се првични проекции за резултатите од гласањето, додека конечните резултати нема да бидат познати до утре изутрина. Победникот официјално ќе биде прогласен, по вообичаените проверки, во среда на 27 април од Лоран Фабиус, претседател на Уставниот совет.
Макрон е првиот француски лидер кој е реизбран во последните 20 години. Сепак, излезноста на гласачите е најниска за вториот круг од претседателските избори од 2002 година.
Способноста на Ле Пен да привлече нови гласачи од 2017 година е најновиот показател дека француската јавност се врти кон екстремистичките политичари за да го изрази своето незадоволство од статус квото. Во првиот круг, кандидатите на крајната левица и екстремната десница учествуваа со повеќе од 57 отсто од гласачките ливчиња, додека 26,3 отсто од регистрираните гласачи останаа дома – што резултираше со најниска бројка на излезност во последните 20 години.
Кампањата на Ле Пен се обиде да го искористи гневот на јавноста поради притисокот од трошоците за живот, преку силна кампања за помагање на луѓето да се справат со инфлацијата и со зголемувањето на цените на енергијата,- наместо да се потпира на антиисламистичките, анти имиграциски и евроскептични позиции кои доминираа во нејзините први два обиди за освојување на претседателската функција во 2017 и 2012 година. Таа се претстави како помејнстрим и помалку радикален кандидат, иако голем дел од нејзиниот манифест остана ист како пред пет години. „Запирање на неконтролираната имиграција“ и „искоренување на исламистичките идеологии“ беа двата приоритети на нејзиниот манифест, а аналитичарите велат дека многу од нејзините политики за ЕУ би ја ставиле Франција во судир со блокот.Иако Ле Пен се откажа од некои од нејзините најконтроверзни предлози за политика, како што се напуштањето на Европската унија и еврото, нејзините ставови за имиграцијата и нејзината позиција за исламот во Франција – таа сака да ги забрани носењето шамии во јавност – не се променети.
Но, Владимир Путин беше можеби нејзината најголема политичка грешка. Пред Русија да ја нападне Украина, Ле Пен беше гласен поддржувач на рускиот претседател, дури и го посети за време на нејзината кампања во 2017 година. Иако оттогаш ја осуди инвазијата на Москва, Макрон ја нападна Ле Пен за нејзините претходни позиции за време на дебатата. Тој тврдеше дека не може да и се верува дека ќе ја претставува Франција кога се занимава со Кремљ.
Ле Пен го призна поразот, но рече дека нејзините резултати сепак биле победа. Таа додаде дека ќе продолжи да се бори, потсетувајќи на легислативните избори за два месеци, при што ги повика своите поддржувачи да продолжат да ја поддржуваат нејзината партија.
„Голем ветар на слободата можеше да дува над нашата земја, но судбината на гласачката кутија сакаше поинаку. Нема да ги напуштам Французите! Да ѓивее Франција“, порача Ле Пен.