Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека неговиот руски колега Владимир Путин „решил да не запре“ во Украина, бидејќи му треба „воена победа за себе, иако сфатил дека Украина нема да се потчини“. Во интервју за францускиот неделник „Ле Поинт“, Макрон рече дека Мариупол, градот во источна Украина врз кој се фокусирала руската армија, „можеби е фиксација на Путин, бидејќи е симбол на Украина што му се спротивставува“. Со концентрирање на офанзивата на Донбас, рускиот претседател се обидува „да постигне победа и да се насочи кон славната воена парада на 9 мај (одбележување на победата над нацизмот), многу важен датум за него и за Русија“, рече Макрон.