Францускиот претседател Емануел Макрон пристигна во државна посета на Пекинг, објави кинеската централна телевизија.

Advertisements

Авионот на францускиот претседател слета на меѓународниот аеродром во Пекинг. Посетата на Макрон ќе трае од 5 до 8 април, тој ќе ги посети Пекинг и градот Гуангжу во јужната кинеска провинција Гуангдонг. Телевизискиот канал објавува дека ова е трета посета на Макрон на Кина како претседател на Франција.

Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг претходно изјави дека кинескиот претседател Си Ѓинпинг и Макрон ќе разговараат за продлабочување на соработката на различни полиња меѓу Кина и Франција, како и меѓу Кина и ЕУ и ќе разменат мислења за главните меѓународни и регионални чувствителни прашања. Во исто време Елисејската палата објави дека францускиот претседател ќе помине вкупно од шест до седум часа во разговори со кинескиот лидер.

Макрон и Си Ѓинпинг последен пат се сретнаа на маргините на самитот на Г-20 во Индонезија во ноември 2022 година, додека последната посета на францускиот претседател на Кина беше во 2019 година. Претходно Елисејската палата истакна дека е дојдено време да се обноват контактите со кинеските власти и дека страните сакаат да дадат нов поттик на дијалогот за глобалните прашања. Според кинеското Министерство за надворешни работи, Макрон ќе има одвоени состаноци со кинескиот премиер Ли Чианг и со претседателот на Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес Жао Леџи.

На своето патување Макрон е придружуван од претставници на голем број големи компании, меѓу кои, според „Политико“, се претставници на авијацискиот концерн „Ербас“, енергетската компанија ЕДФ и инженерската компанија „Алстом“, пренесе РИА.

Прикажи повеќе