Мажите и луѓето кои зборуваат погласно го шират Ковид-19 полесно од жените и луѓето кои зборуваат тивко, покажа студијата спроведена од истражувачи од Универзитетот во Колорадо.
Нивниот истражувачки тим ги анализирал емисиите на респираторните аеросоли кај здрави индивидуи од различни возрасни групи и пол додека зборувале и пееле во контролирана лабораториска средина.
Биле измерени концентрации на честички помеѓу 0,25 и 33 микрометри кај 63 учесници на возраст од 12 до 61 година, а се следела и јачината на говорот и издишаниот јаглерод диоксид. Сето тоа го измериле и кај поединци со маски и кај оние без маски.
Истражувачите заклучиле дека пеењето произведува 77 отсто повеќе аеросоли отколку зборувањето, возрасните произведуваат 62 отсто повеќе аеросоли од малолетниците, а мажите 34 отсто повеќе аеросоли од жените.
Меѓутоа, откако се земаа предвид обемот на говорот и количината на издишан јаглерод диоксид, разликите во возраста и полот беа послаби и повеќе не беа статистички значајни.
Дали пеењето е полошо од говорот кога станува збор за тоа колку честички се испуштаат? Според студијата – да. Колку е погласно зборувањето или пеењето – толку поголеми се емисиите, се вели во соопштението на Универзитетот.
Доказите сугерираат дека преносот на аеросоли игра важна улога во ширењето на вирусите САРС-КоВ-2 и Ковид-19, велат истражувачите во нивната студија.
Тие исто така истакнуваат дека треба да се направат дополнителни истражувања за тоа како обемот на говорот и количината на издишаниот јаглерод диоксид влијаат на ширењето на инфекцијата во затворени простории.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.