Маестрална театарска игра на „Охридско лето“ донесоа вчеравечер извонредните актери на Македонскиот народен театар играјќи ја претставата „12“ работена по мотивите на теледрамата „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, совршено адаптирана на денешницата од режисерот Синиша Ефтимов.
Претставата што ја обедини елитата на македонското глумиште е всушност е декларација за човечката неспособност и некомпетентност.
Во затворена просторија, дванаесетмина од различни општествени слоеви, со различни погледи и ставови, се соочија меѓусебе обидувајќи се да донесат правична пресуда.
Дванаесетчлената порота, по презентирањето на доказите од страна на обвинителството и одбраната, имаше задача да одлучи дали да осуди или да ослободи момче кое е обвинето за убиството на неговиот татко.
На почетокот сите се убедени во вината на обвинетиот, но еден поротник со своите сомнежи кон докажаното ја започнува интензивната и жолчна дебата во поротничката соба во која почнаа да излегуваат на виделина предрасудите, стереотипите и стравовите на секој од поротниците.
Публиката уживаше во феноменалната игра на актерите Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов/Нино Леви Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев. Тие преку своите ставови, мислења, емоции го отсликаа денешното општество со сите негови вредности, но и недостатоци и маани.
Сценографијата за театарската претстава „12“ за која имаше огромен интерес на „Охридско лето“ е на Мартин Манев, музиката на ПМГ Колектив, а костимографијата на Александар Ношпал.
Текстот Маестрална театарска игра на „Охридско лето“: „12“ – претстава за предрасудите, стереотипите и стравовите на денешното општество е превземен од МАКФАКС.